Sayed Khodaberdi Sadat
24 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
КАБУЛ (АА) - Изборната комисија на Авганистан соопшти дека некои групи блиски до претседателските кандидати на изборите спречија повторно броење на гласовите во 7 покраини низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хава Алам Нуристани, претседателката на Изборната комисија на Авганистан, на прес-конференцијата истакна дека во 24 покраини гласовите се повторно пребројани, додека во уште три сѐ уште трае броењето.
Истакна дека некои групи блиски на кандидатите спречиле повторно броење на гласовите во 7 покраини, поради што резултатите од изборите нема да бидат објавени навреме.
Нагласи дека Изборната комисија е независна институција, и дека нема да биде прифатен ниту еден нерегуларен глас.
Кандидатите за претседател на Авганистан, Абдула Абдула, Рахметула Набил, Хаким Турсан и Гулбудин Хекматјар, се противат на повторното броење на гласовите.
Во Авганистан на 28 септември беа одржани претседателски избори, четврти по ред откако талибанците во 2001 година ја изгубија власта.
Гласачите на изборите можеа да избираат меѓу 14 кандидати.
Премиерот на Авганистан, Абдула Абдула, кон крајот на септември прогласи победа на претседателските избори во државата. Сепак, сѐ уште се чекаат официјалните резултати кои требаше да бидат објавени уште во почетокот на ноември.