Gamze Türkoğlu Oğuz
15 Август 2021•Ажурирај: 15 Август 2021
КАБУЛ
По преземањето на сите големи главни провинциски центри и гранични премини, талибанците почнаа да влегуваат и во периферните населби на Кабул, главниот град на Авганистан, известува Агенција Анадолија (АА).
Репортерот на АА известува дека талибанците влегле во индустриската зона Баграми, која од центарот на Кабул е оддалечена 8 километри, а потоа влегле и во населбата Дести Берџе, која е оддалечена 5 километри од центарот на главниот град на Авганистан.
Напредувањето на талибанците предизвика паника и страв во центарот на Кабул од кој американската Војска го евакуира персоналот на Амбасадата.
Портпаролот на талибанското движење, Забихулах Муџахид, на Твитер порача дека талибанците нема да користат сила за преземање на контролата врз центарот на Кабул.
Тој порача дека во Кабул има голем број цивили и затоа нема да има вооружени судири и додаде дека талибанците сакаат центарот на Кабул да го преземат со преговори.
Талибанското движење ја презеде контролата над сите гранични премини и сите главни градови на провинциите, освен Кабул.
Локални извори јавија дека од утрово талибанците ги контролираат сите гранични премини на Авганистан и дека аеродромот во Кабул е единствениот излез од земјата што е под контрола на владините сили.
Судирите во Авганистан се интензивирани по одлуката на САД да ја повлечат војската од Авганистан и по неуспешните мировни преговори во Доха. Бунтовничкото талибанско движење зазеде поголем број од провинциите во земјата и во изминатите денови се фокусираше на напади и преземање на контролата во главните градови на авганистанските провинции.