Zuhal Demirci,Muhammet Tarhan
22 Ноември 2020•Ажурирај: 23 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ / МУХАМЕТ ТАРХАН -
Претседателот на Високиот совет за национално помирување на Авганистан, Абдулах Абдулах, во врска со тврдењата дека австралиските војници, кои извршиле воено злосторство во Авганистан, убиле 39 цивили, истакна дека не е можно да се дефинира ова дивјаштво и дека бил шокиран од извршените злосторства против невини лица.
Абдулах, во рамки на својата посета на Турција, даде изјава за Агенција Анадолија (АА), при што говореше за извештајот во кој се вклучени тврдењата дека австралиските војници извршиле воено злосторство во Авганистан, како и за односите помеѓу Турција и Авганистан.
Тој потсети дека во рамки на оваа посета се сретнал со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, со претседателот на Големото народно собрание на Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп, шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, и со бројни други претставници.
Абдулах се осврна и на тоа што беше откриено оти австралиските војници, кои извршиле воено злосторство во Авганистан, убиле 39 цивили.
„Не е можно да се дефинира ова дивјаштво. Не е можно да се објасни што се случи. Тоа е неверојатно. Тоа се злосторства извршени против невини лица и јас сум шокиран“, рече Абдулах.
„Исто така, ќе дојдеме и до фактот што Владата на Австралија отворено го истакна тоа што се случило. Случаите се сеопфатно истражувани и сите детали ги имаат тие. Исто така, постои ветување за судење на одговорните. За жал, тоа целосно ги шокираше луѓето. Бидејќи извештајот вклучува бројни детали, меѓу кои и мизеријата на луѓето што се вклучени во војната.“
Што се однесува до тврдењата на австралиските медиумите дека е можно австралиските војници, покрај убиството на 39 цивили во Авганистан, да извршиле и други злосторства, Абдулах рече: „Што се однесува до болката што ја претрпеле цивилите, сигурен сум дека тоа не е единствена состојба. Постојат и други извештаи, но не можам да кажам дека има други случаи во врска со австралиските сили.“
Абдулах нагласи дека треба да се внимава за да не се направи генерализација во оваа насока.
„Бидејќи во последните 20 години стотици илјади лица учествуваа во војната во Авганистан. За среќа, тоа не беше општо однесување на силите. Но, доколку има дури и едно лице кое се однесувало на овој начин, тоа треба да биде неприфатливо“, додаде тој.