Necva Taştan Sevinç
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Австрија го одби барањето на Соединетите Американски Држави (САД) да го користат нејзиниот воздушен простор за летови поврзани со војната со Иран, повикувајќи се на Законот за неутралност на земјата, соопшти денес Министерството за одбрана, пренесува Анадолу.
Портпаролот на Министерството потврди дека имало „неколку“ барања од Вашингтон, но не го прецизираше точниот број, објави австрискиот јавен сервис ОРФ.
Портпаролот додаде дека секој случај ќе се оценува поединечно во координација со австриското Министерство за надворешни работи.
Австрија, која води долгогодишна политика на воена неутралност, нема воведено општа забрана за воени летови на САД, но ги разгледува барањата од случај до случај.
Опозициската Социјалдемократска партија (СПО), исто така, ја повика Владата да остане на својот сегашен став.
„Министерката за одбрана Клаудија Танер не треба да одобри ниеден дополнителен воен лет на САД кон Персискиот Залив. Ниту, пак, треба да одобри какви било транспортни летови или друга логистичка поддршка. Токму онака како што прават Шпанија, Франција, Италија и Швајцарија. Оваа војна им штети на австриските економски интереси, на Европа како целина и на светскиот мир“, изјави Свен Хергович, претседател на СПО во Долна Австрија.
Претходно неделава беше објавено дека Шпанија го затвора својот воздушен простор за воени летови поврзани со конфликтот, додека Италија ги одби барањата на американските авиони за слетување во базата на Сицилија.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел започнаа заедничка офанзива врз Иран на 28 февруари, во која досега загинаа повеќе од 1.340 луѓе, меѓу кои и тогашниот врховен лидер Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се наоѓаат американски воени бази.