Aşkın Kıyağan
21 Септември 2017•Ажурирај: 22 Септември 2017
ВИЕНА (АА) - Законот за забрана за прекривање на лицето на јавни места, познат како Закон за забрана за носење бурка, во Австрија ќе стапи на сила од 1 октомври, а полицијата најави дека во државата ќе спроведе кампања за подигање на јавната свест за содржината на Законот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за внатрешни работи на Австрија денес објави дека припадниците на полицијата ќе спроведат кампања за запознавање на граѓаните со забраната за носење превез што оневозможува да се препознае лицето што го носи.
Полицијата во градовите и на аеродромите ќе дели брошури во коишто на германски, англиски, турски и на арапски јазик ќе биде појаснета содржината на законот што предизвика големи дебати во Австрија и пошироко.
Во случај на непочитување на оваа забрана, следниот месец австриската полиција ќе ги казнува прекршителите со глоби во висина од 150 евра, а во случај луѓето сѐ уште да одбиваат да го откријат лицето, им се заканува притвор во полициска станица.
Забраната за превез на лицето во Австрија ќе се применува на сите јавни места, вклучувајќи ги и сите средства за јавен превоз.
Неименуван официјален претставник на полицијата за весникот „Kurier“ (Курир), рече дека задачата за австриската полиција ќе биде тешка, бидејќи сите уште се сеќаваат на непријатната сцена за време на апсењето на една жена со бурка во францускиот град Кан.
Истиот извор вели дека жените што носат превез преку лицето и претходно го откривале лицето на границата, при влез во Австрија, најчесто во присуство на граничниот службеник, и оти на тој начин се избегнувале проблеми.