Ruslan Rehimov
22 Октомври 2020•Ажурирај: 23 Октомври 2020
БАКУ (АА) - Азербејџанската војска ослободи уште 20 села и едно гратче од ерменските сили, соопшти денес азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Азербејџанскиот претседател потврди дека окупираните делови на азербејџанско-иранската граница се целосно ослободени.
„Храбрата азербејџанска војска ги ослободи селата Молавели, Горно Рефидинли и Долно Рефидинли во Фузули, Сирик, Шихлар, Местелибејли и Дерзили во Џебраил. Да живее азербејџанската војска. Карабах е Азербејџан“, напиша Алијев на Твитер.
Тој потврди дека се ослободени и селата Колукишлак, Малаткешин, Кенд Зенгилан, Генлик, Великулубејли, Карадере, Чопедере, Татар, Тири, Емирханли, Каркулу, Бартаз и Делекли во Зенгилан и гратчето Агбенд.
Алијев истакна дека со ослободувањето на гратчето Агбенд од окупација, целосно е преземена контролата врз окупираните делови на азербејџанско-иранската граница.
Ерменските сили на 27 септември започнаа нови напади врз населените места и воените позиции на Азербејџан, а азербејџанската војска одговори со операција насочена кон ослободување на окупираните региони.
Од 1991 година ерменската војска нелегално го окупира Нагорно-Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските ерменски сили од Нагорно Карабах и од уште седум окупирани азербејџански региони.