Zehra Ulucak
22 Ноември 2016•Ажурирај: 23 Ноември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Амбасадорката на САД во Обединетите нации, Саманта Пауер, најостро ги осуди постојаните напади на населените квартови во сириските градови и ги објави имињата на 13 команданти на сириската војска кои се сметаат за најодговорни за страдањето на сириските цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на седницата на Советот за безбедност на ОН, Пауер изјави дека за смртоносните напади на цивилите во Сирија и за тортурите во сириските затвори најодговорни се генералот Адиб Самалех, генералот Аднан Абуд Хилвех, генералот Џавдат Салби Мавас, потполковникот Сухеил Хасан и генералот Тахир Хамид Халил.
Пауер изјави дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговиот сојузник Русија се одговорни за бомбардирањето и опсадата на Алепо и на другите сириски градови.
Американската амбасадорка исто така изјави дека официјален Вашингтон дошол до информации за пректикувањето тортури и злоупотребата на заробените лица во сириските затвори, и додаде дека злосторствата се најзастапени во Одделот за разузнавачки истражувања на воздушните сили на воениот аеродром „Мезех“, и во воените болници „Хараста“ и „Тишрин“.
Таа изјави дека во овие бази за злосторства, најодговорни се командантите на сириската војска генералот Џамал Хасан, генералот Абдулслам Фаир Махмуд, генералот Ибрахим Мала, потполковникот Кусај Михуб, генералот Салих Хамад, генералот Шафик Маса, генералот Рефик Шихадех и генералот Хафиз Маклуф.
„САД ќе ја продолжат борбата против овие лица, кои мора да се процесуираат за сите злосторства што ги сториле“, изјави Пауер.
Пауер истакна дека поради поддршката на режимот и на Русија, сириските злосторства во моментот се недопирливи, и додаде дека некогаш така се чувствувале и поранешниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ и поранешниот претседател на Либерија, Чарлс Тејлор, но дека на крајот се уапсени и одговарале за своите дела пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
„Се прашувам дали Русија некогаш ќе ги осуди нападите на цивилите од страна на сирискиот режим. Земете за пример која било болница или училиште што силите на сирискиот режим ги уништиле. Дали Русија на седниците на Советот на безбедност некогаш ќе застане и ќе ги осуди тие напади. Еве, повеќе од пет години на седниците на Советот на безбедност зборуваме за Сирија, а Русија никогаш, ниту со еден збор не го осуди крвопролевањето на својот сојузник Асад“, изјави Пауер.
Пауер на крајот на излагањето исто така ја обвини и комплетната меѓународна јавност поради пасивното набљудување на страдањето во Сирија и порача дека еден ден сите ќе сносат одговорност за таа трагедија.