Emre Aytekin
17 Февруари 2019•Ажурирај: 18 Февруари 2019
КУКУТА (АА) – Три карго авиони на американската војска со хуманитарна помош за Венецуела пристигнаа во градот Кукута во Колумбија, на границата со Венецуела, пренесува Anadolu Agency (AA).
Марк Грин, директорот на УСАИД, американската меѓународна организација за помош, соопшти дека три воени карго авиони од типот „Boeing C-17“, што полетале од воената база „Homestead“, пристигнале во колумбискиот град Кукута.
Грин рече дека во авионите имало вкупно 180 тони храна и потребни продукти, додавајќи „Ова нема да биде ниту прво, ниту последно. Повеќе помош е на пат.“
Поради политичката и економската криза во Венецуела, голем број бегалци од оваа земја засолниште најдоа во градот Кукута во соседна Колумбија. Помошта претходно беше транспортирана со цивилни авиони, а за првпат хуманитарната помош е донесена со воени авиони.
Овој чекор на САД се проценува како начин за зголемување на притисокот врз претседателот Николас Мадуро и социјалистичката власт во Венецуела, каде што претседателот на Парламентот, Хуан Гваидо, се самопрогласи за „привремен претседател“ на земјата, а администрацијата на Вашингтон го призна.
- „Глобално шоу за помош“ -
Опозицијата, прашањето околу хуманитарната помош се обидува да го искористи како аргумент против администрацијата на Мадуро, која го блокира влезот на странската помош во земјата.
Мадуро во четвртокот упати критика до САД околу чекорите за хуманитарна помош, истакнувајќи „Прво ни пресудуваат и ни ги крадат парите, а потоа ’Земете ги овие трошки и снајдете се‘, и сето тоа го претвораат во глобално шоу. Ние, со сета наша гордост, велиме ’Не!‘ на ова глобално шоу. Венецуела е отворена за секого што сака да помогне, но имаме моќ да земеме сѐ што ни треба.“
Признавањето на Гваидо за привремен претседател од страна на САД и европските земји, ѝ создава проблеми на администрацијата на Мадуро околу управувањето со државната сопственост во странство и спроведувањето на сопствената програма за помош во храна. Администрацијата од Вашингтон, претходно, сопственоста на компаниите на Венецуела во САД ја префрли под контрола на Гваидо, меѓу кои се наоѓа и нафтената компанија „Citgo“. Истовремено е забранет и трансферот на пари од институциите под контрола на Мадуро.