Ayhan Şimşek
17 Февруари 2019•Ажурирај: 18 Февруари 2019
МИНХЕН (АА) - Иранските власти од Европската Унија (ЕУ) бараат поконкретна поддршка во однос на новиот бран политички притисоци и економски санкции кои Соединетите Американски Држави (САД) ги спроведуваат кон Иран, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на иранската дипломатија, Џавад Зариф, на денешниот панел на Минхенската конференција за безбедност рече дека водечките европски земји треба да направат повеќе за зачувување на претходно постигнатиот меѓународен Договор за иранското нуклеарно прашање.
„Воведувањето на алтернативниот механизам за плаќање INSTEX, не е доволно. Тоа нема да го зачува Договорот потпишан и од водечкото европско трио Германија, Франција и Велика Британија. Европа треба да биде подготвена на дополнителни напори за да плива на налетите на непредвидливите струи на американскиот унилатерализам“, порача Зариф.
Изјавата на Зариф дојде еден ден откако американскиот потпретседател Мајк Пенс ги повика европските земји да ги следат САД и да се повлечат од Договорот со Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година го повлече американскиот потпис од Договорот за нуклеарната програма на Иран и ги обнови економските санкции кон Техеран.
Европските земји се на ставот дека тоа е најдобриот можен договор со Иран и сметаат дека и понатаму тој претставува добар механизам за спречување на Иран да се здобие со нуклеарно оружје.