ЊУЈОРК (AA) – Исчезнувањето на саудискиот новинар Џамал Кашоги е една од главните теми на меѓународната политичка и медиумска сцена, а превезот на тајните над над целиот случај стои веќе 15 дена, колку што помина од влегувањето на новинарот во саудискиот Конзулат во Истанбул. Кашоги е познат критичар на политиката која ја води актуелната власт во Саудиска Арабија, а го поддржуваше и весникот „Ал Ватан“, кој претставува главна платформа на саудиските реформисти.
Додека американските медиуми трагаат за информациите за судбината на Кашоги, истовремено го критикуваат американскиот претседател Доналд Трамп поради блискоста со саудиската администрација.

Кашоги исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври, по што му се губи трага.
Американските медиуми, кои често ја повикуваат саудиската администрација да го расветли случајот „Кашоги“, под лупа ја држат блискоста на Трамп и неговиот зет Џаред Кушнер со саудискиот принц Мухамед бин Салман.
Освен тоа, медиумите често повикуваат на запирање на продажбата на оружје на Саудиска Арабија и на пружањето поддршка на коалицијата во Јемен предводена од Ријад.
Американските медиуми бараат и воведување остри санкции кон Саудиска Арабија, доколку се докаже дека зад случајот „Кашоги“ стои саудискиот принц Салман.
- „Вашингтон пост“, медиум кој најмногу пишува за случајот
„Вашингтон пост“, еден од најголемите весници во САД, а за кој пишуваше и самиот Кашоги, од почетокот на случајот во просек дневно објавува четири до пет вести за случајот „Кашоги“.
Весникот често ја критикува американската администрација поради блиските односи со саудискиот принц.
Уредничката на колумната која ја пишуваше Кашоги, Карен Атиа, на 3 октомври напиша текст со наслов „Замолчувањето на Џамал Кашоги“. Во него напиша дека исчезнувањето на Кашоги следуваше по бранот притисоци на опозицијата и активистите во Саудиска Арабија.
- Празен простор на местото на колумната на Кашоги
„Вашингтон пост“ на 4 октомври објави текст со наслов „Каде е Кашоги?“, во кој е истакнато дека му се губи трага, а прстот е вперен во саудискиот принц Салман.
Ден подоцна, поточно на 5 октомври, оставен е празен простор на местото предвидено за колумната на Кашоги. Со наслов „Исчезнат глас“, ставена е порака дека Џамал Кашоги е саудиски новинар и колумнист на „Вашингтон пост“. Кажано е дека неговите зборови требало да бидат таму каде што се наоѓа празниот простор, но дека му се губи трага од 2 октомври (вторник), кога влегол во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Весникот на 6 октомври објави текст во кој се наведени зборови на неименувани турски функционери, за тоа дека Кашоги е убиен.
Турските функционери, наводно, изјавиле дека се работи за планирано убиство што го извела група од 15 луѓе кои дошле од Саудиска Арабија.
Ден потоа, на 7 октомври објавен е текст дека се потребни одговори за судбината на Џамал Кашоги.
„Доколку престолонаследникот не ја поддржува полната соработка, како прв чекор што би требало да го преземе Конгресот е да ја запре воената соработка со Саудиска Арабија“, кажано е во повикот.
Едно од попознатите имиња во случајот „Кашоги“ е Хатиџе Џенгиз, неговата свршеница, која на 9 октомври напиша текст за „Вашингон пост“.
„Вистина е дека Џамал влезе во зградата и нема никакви докази дека ја напуштил“, напиша Џенгиз, повикувајќи го Трамп и неговата сопруга Меланија за помош.
- „Вашингтон пост“
„Вашингтон пост“ објави и две тврдења во врска со случајот „Кашоги“, кои на случајот му дадоа нова димензија. Едното е дека саудиските функционери направиле план како да го фатат Кашоги, а второто е дека принцот Салман наредил организирање на враќањето на Кашоги во Саудиска Арабија, а потоа и негово апсење.
„Трамп треба да сфати дека веродостоен партнер на САД не може да биде режим кој е толку валкан и безгрижен во дипломатски комплекс да организира убиство на новинар, а потоа тоа јасно да го негира“, стои во текстот објавен на 10 октомври.
- Наводи за аудио и видеозаписи -
„Вашингтон пост“ на 12 октомври објави вест во која се наведува дека Турција на американските функционери им рекла дека поседува аудио и видеозаписи кои го поддржуваат тврдењето дека Кашоги е убиен.
- За случајот „Кашоги“ пишува и „Њујорк тајмс“
Еден од престижните американски медиуми кои пишуваат за овој случај е и „Њујорк тајмс“. Овој медиум од почетокот внимателно го следи случајот и ја повикува администрацијата на Трам да ги реанализира односите со Ријад.
Весникот на 5 октомври објави текст со наслов „Најдете го Кашоги“, во кој е наведено дека Кашоги на свршеницата ѝ оставил телефон пред влегувањето во Конзулатот и ѝ рекол да повика помош, доколку нешто му се случи.
Добитникот на Пулицер, Томас Фридман, на 8 октомври напиша колумна за „Њујорк тајмс“, со наслов „Молитва за Џамал Кашоги“, во која напиша дека Саудиска Арабија е обвинета за убиство на Кашоги.
„Доколку е точно, ќе биде тоа катастрофа за режимот на Мухамед бин Салман“, напиша Фридман.
Ден подоцна, објавен е и текст со наслов „Саудиска Арабија би требало да одговори на прашањата за Џамал Кашоги“, во кој е кажано дека доколку се докаже дека саудискиот новинар е киднапиран, некој треба да одговара за тоа.
- „Си-ен-ен“ повика на санкции
Еден од истакнатите медиуми во САД кој се занимава со целиот случај е и „Си-ен-ен“, кој ја критикува администрацијата на Трамп.
Аналитичарот на „Си-ен-ен“, Петер Берган, на 8 октомври објави текст со наслов „Застрашувачко исчезнување на Џамал Кашоги“.
„Сѐ уште нема конкретни докази дека Кашоги е убиен, но доколку се појават докази и Саудијците бидат одговорни, САД, односно администрацијата на Трамп треба да им воведе санкции, токму како што Велика Британија им воведе на Русите по труењето на поранешниот руски агент и неговата ќерка“, пишува во објавата.
Во веста објавена на 12 октомври, наведено е дека Турција поседува шокантни аудио и видеоснимки кои ги потврдуваат тврдењата дека Кашоги е убиен.