Burak Bir,Necva Taştan Sevinç
31 Јануари 2025•Ажурирај: 01 Февруари 2025
ИСТАНБУЛ/ЛОНДОН (АА) - Над половина од Данците сега ги гледаат Соединетите Американски Држави (САД) како голема закана за нивната земја, додека огромно мнозинство го отфрла американското купување на Гренланд, покажува новата анкета на YouGov, споделена денес ексклузивно со „Гардијан“, пренесува Анадолу.
Анкетата на 1.000 Данци, спроведена во периодот меѓу 15 и 22 јануари, покажа дека 46 отсто ги сметаат САД или за „многу голема закана“ или за „прилично голема закана“ за Данска, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд и неговите намери да ја присвои автономната територија.
Овој процент ја надминува загриженоста за Северна Кореја (44%) и Иран (40%), но останува значително помал од перцепциите за Русија, која 86 отсто од испитаниците ја идентификуваа како закана.
Гренланд, територија под дански суверенитет од 1953 година, го привлече интересот на Трамп поради стратешката локација и огромните минерални ресурси.
Трамп претходно го опиша поседувањето на Гренланд како „апсолутна неопходност“ за економската безбедност на САД, споредувајќи го тоа со „голем договор за недвижнини“.
78 отсто од Данците отфрлаат продажба на Гренланд на САД, иако 72 отсто сметаат дека одлуката на крајот повеќе треба да биде на Гренланд, отколку на Данска, според анкетата на YouGov.
Цитирајќи ја анкетата, конзервативниот дански пратеник Расмус Јарлов истакна дека Данска историски била „една од најпроамериканските земји“ во светот, како и еден од најдолгогодишните сојузници на САД.
„Но, изгледа дека најлошо оправданото нелегално барање за земја во светот енормно ги повреди односите. Кој можеше да претпостави“, напиша тој на X, мислејќи на изјавите на американскиот претседател Трамп: „Ни треба (Гренланд)“.
„Фајненшл тајмс“ минатата недела објави дека данската премиерка Мете Фредериксен и Трамп имале тензичен 45-минутен телефонски разговор за ова прашање, оставајќи ги официјалните претставници во Копенхаген длабоко загрижени.
Трамп првпат ја изнесе идејата за присвојување на Гренланд за време на неговиот прв мандат, идеја што Данска целосно ја отфрли. Сепак, неговото враќање во Белата куќа ги оживеа стравувањата од поагресивен притисок за да обезбеди контрола над островот.