Davut Çolak
07 Јуни 2020•Ажурирај: 08 Јуни 2020
КОПЕНХАГЕН
Повеќе од 15.000 граѓани излегоа денес на улиците на Копенхаген во знак на протест поради смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните се собраа пред Американската амбасада во Копенхаген. Носеа транспаренти на кои пишуваше „Не можам да дишам", „Вреден е животот на црнците", „Расизмот е епидемија" и „Човекот е една раса".
Активистите маршираа од зградата на амбасадата до палатата Кристианборг. Протестите траеја околу три часа и поминаа без инциденти. Според податоците на полицијата, на протестите присуствуваа повеќе од 15.000 граѓани.
Флојд беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, САД, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеата од бруталното апсење беа објавени на социјалните мрежи.
Полицијата го привела со лисици и го турнала на земја, а еден од нив, полицаецот Дерек Шаувин, го притиснал коленото на вратот на Флојд. Тврдеа дека тој се спротивставувал на апсењето. Против Чаувин е поднесено обвинение за убиство од втор степен, додека други тројца полицајци се обвинети за помагање при извршување на делото.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати велел дека не може да дише, полицаецот не го тргнал коленото од вратот. Набргу потоа, Флојд изгубил свест, а полицаецот и понатаму ја задржал истата позиција кон жртвата. Флојд починал набргу откако бил хоспитализиран.
Смртта на Флојд предизвика бран протести против полициската бруталност и расната дискриминација, кои во многу американски градо прераснаа во насилни.