Michael Gabriel Hernandez
18 Јули 2024•Ажурирај: 19 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден излезе позитивен на тестот за КОВИД-19 додека престојуваше во Лас Вегас, Невада, за предизборната кампања, објави Белата куќа, пренесува Анадолу.
Лекарот на Бајден истакна дека тој имал „симптоми на горниот респираторен систем“, вклучувајќи течење на носот, кашлица и „општа малаксаност“, но се чувствувал добро за време на неговата прва предизборна станица вчера попладне. Потоа бил направен тест кој излегол позитивен на КОВИД.
Претседателот „ќе се самоизолира и ќе продолжи целосно да ги извршува сите свои должности за тоа време“, истакна портпаролката Карин Жан-Пјер.
„Белата куќа ќе обезбедува редовни известувања за состојбата на претседателот, кој продолжува да ги извршува целосните должности на функцијата додека е во изолација“, додаде Жан-Пјер.
Дијагнозата на Бајден претходно беше објавена од претседателот на групата за застапување на граѓанските права на Латиноамериканците каде претседателот требаше да има обраќање вчера попладне.
Поради тоа говорот е откажан. Но, Бајден присуствуваше на настан во рамките на кампањата во ресторанот „Ориџинал Линдо Мичоакан“ во Лас Вегас, каде што се сретна и направи селфи со поддржувачите. Тој, исто така, учествуваше во интервју за емитерот на шпански јазик „Унивисион“.