İbrahim Hamdi Hacıcaferoğlu
14 Јули 2024•Ажурирај: 15 Јули 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џо Бајден телефонски разговараше со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше цел на вооружен напад за време на изборна кампања во Пенсилванија, известува Анадолу.
„Претседателот Бајден вечерва се враќа во Вашингтон. Тој ќе продолжи да добива редовни известувања од службениците на државната безбедност и спроведувањето на законот“, се наведува во соопштението од Белата куќа.
Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен и министерот за одбрана, Лојд Остин, го осудија обидот за атентат врз Трамп на социјалната мрежа Х.
Блинкен објави дека е шокиран и тажен од вооружениот напад на митингот на Трамп, но дека е среќен што поранешниот претседател сега е безбеден.
„Како што рече Бајден, нема место за политичко насилство во САД“, рече Блинкен.
Министерот Остин во својата објава наведе дека Министерството за одбрана го осудува ова насилство, за кое апсолутно нема место во американската демократија.
„Вака не ги решаваме нашите разлики во САД“, порача Остин.
Нападот го осуди и претседателот на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Мајк Џонсон, кој најави дека Претставничкиот дом ќе спроведе сеопфатна истрага.
„Американскиот народ има право да ги знае фактите“, рече Џонсон.
20-годишниот Томас Метју Крукс од Пенсилванија го изведе обидот за атентат врз поранешниот американски претседател и кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп.
Како што соопшти Федералното истражно биро (ФБИ), вооружениот напаѓач пукал кон републиканскиот претседателски кандидат Трамп додека тој држел говор на бина во Пенсилванија.
Трамп е полесно ранет во пределот на десното уво, а со интервенција на обезбедувањето бил оддалечен од бината.
Напаѓачот е неутрализиран, а неговото тело е пронајдено недалеку од местото на нападот, во кој се ранети уште две лица.