Tayfun Salcı
27 Април 2017•Ажурирај: 28 Април 2017
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, истакна дека не е добра опција да се изврши воена интервенција во Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Џонсон за англискиот медиум „BBC“ (Би-би-си) истакна дека во оваа фаза, многу е далечна опцијата за извршување воена интервенција во Северна Кореја.
Џонсон изјави дека во последните години е зголемена заканата од Северна Кореја, и додаде: „Нуклеарната закана од страна на Северна Кореја, која за луѓето можеби изгледа како еден комичен проблем, е реална и претставува опасност. Треба да се справиме со тоа. Сите соседни земји на Северна Кореја многу интензивно ја чувствуваат оваа закана и САД се во право што го зголемуваат нивото на сериозност кон овој случај“.
Во врска со едно прашање околу неговата изјава: „Сите опции околу Северна Кореја се на маса“, Џонсон одговори: „Скептичен сум во врска со воените опции, како и сите експерти со кои што сум разговарал. Според мене, воените опции не се добри“.
Џонсон истакна дека по каква било воена интервенција, главниот град на Јужна Кореја, Сеул, ќе биде лесна цел за можен напад на одмазда од страна на Северна Кореја. Тој нагласи дека ова претставува исклучително сериозен ризик.
- Меѓународен консензус
Најдобриот пат, како што рече Џонсон, што треба да се следи во врска со Северна Кореја е „обид да се врши притисок врз Пјонгјанг со мирна и бистра глава, особено притоа соработувајќи со Пекинг“, пат кој според него и САД сакаат да го следат.
Џонсон смета дека на Северна Кореја треба да ѝ се овозможи да согледа дека доколку се ослободи од нуклеарното оружје за да не претставува закана, таа ќе има можност за голема економска иднина, и истакна: „Но, сегашната ситуација е тензична“.
Тој посочи дека денес, при неговата посета на САД ќе вложи напори за да се овозможи меѓународен консензус во Обединетите нации за вршење притисок врз Северна Кореја.
- „Корбин ризик“
Џонсон го критикувал и лидерот на британската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, во врска со неговите изјави околу нуклеарното разоружување и околу ветувањето за предвремените избори кои ќе се одржат на 8 јуни, дека ќе ја спречи програмата за британската нуклеарна подморница „Тридент“.
Тој нагласи дека можното доаѓање на Корбин на позицијата премиер претставува ризик, бидејќи Корбин планира еднострано напуштање на нуклеарната програма од страна на Британија, додека Северна Кореја забрзано го зголемува бројот на своето нуклеарно оружје.