Servet Günerigök
10 Декември 2021•Ажурирај: 11 Декември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден ја потврди непоколебливата посветеност на САД кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, додека разговараше со неговиот украински колега Владимир Зеленски, и посочи дека нема да се донесе одлука без претходни меѓусебни консултации, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Претседателот Бајден јасно стави до знаење дека САД и нивните сојузници и партнери се посветени на принципот „нема одлуки или дискусии за Украина без Украина““, се вели во соопштението на Белата куќа.
Речиси 80-минутниот разговор со Зеленски се случи еден ден откако Бајден разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во врска со тензиите во близина на границата со Украина.
За време на неговиот состанок со Путин, Бајден ѝ се закани на Русија со остри економски мерки, доколку Русија продолжи со воена агресија против Украина.
Во неговиот разговор со Зеленски, Бајден ја повтори длабоката загриженост на САД и нивните сојузници за агресивните дејства на Русија кон Украина и дека тие „[САД] ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на натамошна воена интервенција“.
Бајден и Зеленски ја повикаа Москва да ги деескалира тензиите и се согласија дека дипломатијата е најдобриот начин да се постигне значаен напредок во решавањето на конфликтот.
„Претседателот Бајден ја истакна подготвеноста на САД да се ангажираат за поддршка на мерките за градење доверба за понатамшно спроведување на Договорите од Минск, како поддршка на Нормандискиот формат“, се вели во соопштението.
Претходно, началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, негираше дека Русија планира инвазија на Украина.
На брифингот за воените аташеа во Москва, Герасимов рече дека „информациите за наводната претстојна руска инвазија на Украина се лага“.
„Русија ги извршува сите воени активности на своја територија, за што не е потребно информирање на други земји“, рече тој.