ПАРИЗ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН, АЛАТИН ДОГРУ -
Франција продолжува да ја поддржува сепаратистичката терористичка организација ПКК веќе 40 години, иако оваа организација е призната како терористичка од Европската Унија (ЕУ), пишува Агенција Анадолија (АА).
Односите на Париз со ПКК, која Европскиот совет ја додаде на својата листа на терористички организации во септември 2001 година, започнаа со изборот на францускиот претседател Франсоа Митеран во 1981 година.
Активностите на ПКК во Франција се интензивираа за време на неговите два мандата до 1995 година.
Сопругата на Митеран, Даниел, исто така ја поддржуваше ПКК и ја охрабруваше групата да продолжи со своите напади.
„Продолжете со преземањето акции. Француските власти велат, освен ако Турција не се замеша во голема мера во проблемот со Курдите, ќе биде невозможно да постапат како што сака Европа. Од оваа причина, ПКК мора да се политизира и мојата земја ќе го стори својот дел. Јас ќе работам за мојата земја да ви даде слобода на движење“, рече поранешната прва дама на Франција по еден напад на ПКК.
Обидувајќи се да се покаже себеси како претставник на Курдите, ПКК го популаризираше изразот „мајка на Курдите“ за Даниел Митеран, додека нејзиниот сопруг беше на власт во Франција.
Во периодот по Митеран, што го отвори патот ПКК да најде поддршка и да се организира во Европа, организацијата ги одржуваше односите со администрациите на Франција за време на претседателствувањето на Жак Ширак и Никола Саркози. Здруженијата, фондациите и институтите поврзани со ПКК продолжија со активностите во Франција.
- Француската поддршка на ПКК се зголеми по избувнувањето на граѓанската војна во Сирија -
Со избувнувањето на граѓанската војна во Сирија во 2011 година, ЈПГ/ПКК најде поголем простор и сонуваше да формира држава во северна Сирија со искористување на превирањата во таа земја, и Франција како најголем поддржувач меѓу европските земји.
Особено од мандатот на поранешниот претседател Франсоа Оланд, кој стапи на функцијата во 2012 година, терористичката организација можеше да продолжи со пропагандата и да одржува протести во Париз и други градови.
- Терористите примени во Елисејската палата -
Оланд беше домаќин на водачите на ЈПГ/ПКК, кои беа во воени униформи, во Елисејската палата во 2015 година.
Актуелниот претседател на Франција, Емануел Макрон, исто така, ја поддржа организацијата, примајќи ги терористите на ЈПГ/ПКК под псевдонимот СДГ во Елисејската палата во 2019 година.
По состанокот, од Палатата беше објавено дека Макрон изразил уверување дека активната поддршка за организацијата ќе биде продолжена.
По турската антитерористичка операција „Извор на мирот“ против терористите на ЈПГ/ПКК и ИСИС/ДАЕШ, францускиот Парламент ја повтори поддршката за ЈПГ/ПКК и уште еднаш го изрази својот став да застане покрај терористичката организација.
Негирајќи ги своите врски со ПКК, Макрон ја бранеше поддршката на неговата земја за ЈПГ, тврдејќи дека таа се бори против терористите на ДАЕШ.
Но, изобилството докази укажуваат на јасната поврзаност меѓу ЈПГ и ПКК, а нивните обележја се носеа едни до други за време на јавните демонстрации во Франција и низ Европа, каде што ПКК многупати напаѓаше Турци. Исто така, и двете, ЈПГ и ПКК, се управувани од еден ист центар во Европа, а голем број истраги, извештаи и признанија ја поврзуваат ЈПГ со ПКК, која се наоѓа на списокот терористички организации на ЕУ.
- Франција ја обучува ЈПГ/ПКК во Сирија -
Франција, која отворено ја поддржуваше намерата на терористичките организации да формираат држава во североисточна Сирија, силно се спротивстави на турската антитерористичка операција „Маслинова гранка“ во 2018 година, која имаше за цел расчистување на регионот од терористите.
Администрацијата на Макрон не само што имаше воено присуство во областа окупирана од ЈПГ/ПКК во Сирија, туку француски воени советници ги обучуваа терористите во базата „Ајн Иса“.
Од друга страна, Европскиот парламент (ЕП), лоциран во Стразбур, Франција, функционира како дом на ПКК.
Европскиот парламент не се двоуми во пружањето политичка поддршка на организацијата.
Покрај тоа, пред зградата на ЕП, приврзаниците на ПКК организираа постојан протест за ослободување на претпоставениот водач на групата.
Поранешната известувачка на ЕП за Турција, Кети Пири, рече дека „ПКК не претставува закана за Европа“. Тоа го сумира генералниот став во Франција и Европа кон оваа терористичка организација.
- ПКК врши притисок врз Курдите во Франција -
Дваесет организации во Франција се сè уште активни во француските градови.
Благодарение на привилегиите што француската администрација ги обезбеди за ПКК, организацијата се обидува да го зголеми своето влијание вршејќи притисок врз мнозинството Курди во Франција кои не се за ПКК.
Организацијата собира пари од Курдите преку своите таканаречени претставници во Франција. Оние што не ја поддржуваат организацијата не смеат да продолжат со своите бизниси и да живеат во градовите каде што поддршката за ПКК е силна.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои се наоѓаат и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.