30 Септември 2019•Ажурирај: 01 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман ја прифати одговорноста за убиството на новинарот Џамал Кашоги, но негираше дека го наредил убиството, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервјуто за „Си-би-ес њуз“ (CBS News), на прашањето дали тој го наредил убиството на Кашоги, Бин Селман рече: „апсолутно не“.
„Тоа е грозоморно злосторство. Јас ја преземам целата одговорност како лидер во Саудиска Арабија, особено затоа што е извршено од страна на поединци кои работат за саудиската Влада“, рече тој.
Новинарот Кашоги, инаку колумнист на „Вашингтон пост (Washington Post), беше убиен во саудискиот конзулат во Истанбул минатата година. Саудиска Арабија првично негираше каква било улога во исчезнувањето на Кашоги, по неговото влегување во саудискиот Конзулат, но подоцна за неговата смрт обвини тим „оперативци“ кои спроведувале остар процес на испитување.
Убиството предизвика меѓународно негодување при што Обединетите нации (ОН) повикаа на истрага за улогата на Бин Селман во извршувањето на операцијата во која телото на новинарот е исечено на парчиња и извадено од зградата. Неговите останки сè уште не се пронајдени.
Запрашан за извештајот на ЦИА дека тој лично го наредил убиството на Кашоги, Бин Селман рече: „Се надевам дека овие информации ќе бидат изнесени. Доколку има такви информации што ме ставаат како виновен, се надевам дека ќе бидат објавени јавно.“
„Денес, истрагите се во тек. И штом ќе се докажат обвиненијата против некого, без оглед на неговата позиција, ќе биде изнесен пред суд, без никаков исклучок“, рече тој.