Kasım İleri
23 Декември 2021•Ажурирај: 23 Декември 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот државен секретар Ентони Џ. Блинкен со високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, разговараше за засилувањето на Русија на украинската граница и политичкиот притисок на Кина врз Литванија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, соопшти дека Блинкен и Борел оствариле телефонски разговор.
„Државниот секретар и високиот претставник ја потврдија нивната континуирана посветеност да го зајакнат партнерството САД-ЕУ и да работат заедно за да се соочат со заедничките предизвици“, рече Прајс.
Истакнувајќи дека двајцата официјални претставници ја истакнале важноста од координирана работа за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, Прајс нагласи: „Тие уште еднаш потврдија дека секој руски воен напад врз Украина ќе има големи последици за Руската Федерација. Исто така, ја истакнаа нивната заедничка загриженост поради зголемениот политички и економски притисок на Народна Република Кина врз Литванија, кој влијае и на американските и на европските компании.“
Прајс истакна дека Блинкен и Борел ја нагласуваат континуираната солидарност со Литванија наспроти притисокот на Кина и се посветени да работат заедно за зајакнување на економската отпорност.