Hasan Esen
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Поранешниот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, и кандидат за лидер на Конзервативната партија на Велика Британија, рече дека жали за неговите изјави насочени кон муслиманските жени, пренесува Anadolu Agency (AA).
На телевизиската дебата со другите кандидати за лидер на Конзервативната партија, Џонсон беше потсетен на неговата исламофобична изјава во којашто рече дека жените муслиманки со бурка наликуваат на „поштенски сандачиња“.
Одговарајќи на прашањето, Џонсон рече дека изјавите се преземени од неговите статии од последните 20-30 години, кога работел како новинар, и дека тие се преувеличени.
„Се разбира дека ми е жал за повредата предизвикана од моите зборови“, нагласи Џонсон.
Џонсон, кој се натпреварува за местото лидер на владејачката Конзервативна партија, повторно го освои првото место со 126 гласови во вториот круг од гласањето.
Гласањето ќе продолжи сè додека не останат двајца кандидати. Потоа, околу 125.000 членови на партијата ќе го изберат новиот лидер од двете имиња, по пошта. Тој што ќе биде избран, исто така, ќе биде и нов премиер на земјата.
Премиерката Тереза Мај, по отфрлањето на договорот за Брегзит со ЕУ трипати во Парламентот, не издржа на притисокот од внатрешната опозиција и поднесе оставка од лидерството во партијата. Таа, исто така, истакна дека откако ќе биде избран новиот лидер, ќе даде оставка и од премиерската функција.
Одлуката на Велика Британија за напуштање на ЕУ на референдумот во 2016 година се очекуваше да биде спроведена на 29 март, но откако Парламентот го отфрли договорот за Брегзит во последователните гласања, Брегзит беше одложен до 31 октомври.