Michael Sercan Daventry
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) - Башар ал Асад мора да биде отстранет од власт како дел од кој било мировен договор за Сирија, истакна во врска со тоа прашање Борис Џонсон, во своето прво јавно обраќање од неговото поставување како британски министер за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Џонсон рече дека „машината за убивање (на сирискиот претседател), неговите барел-бомби и, на крајот, неговата борба за личен политички опстанок“ ја предизвикале смртта на 400.000 лица, статистика објавена од страна на Обединетите нации.
Тој додаде дека дури и Русија ја прифати потребата за транзиција во политичкото раководство на Сирија.
Џонсон ова го истакна во колумна објавена пред денешниот состанок на Високиот комитет за преговори за Сирија, во Лондон, претставен од опозициските групи во Сирија.
Тој во „Тајмс“ пишува: „Во Лондон ќе се сретнат луѓе кои имаат директно раководно искуство во Сирија, но кои целосно ја одбиваат Асадовата полициска држава. Тие сакаат да создадат една нова земја, во која има рамнотежа во Владата и во која ќе се почитуваат правата на жените и на малцинствата“.
„Нивната амбиција е да се создаде безбеден простор, простор без терор, на кој ќе можат да се вратат мигрантите. Пред сè, Високиот преговарачки комитет за Сирија не ја претставува победата на само една деноминативна група над друга или пак префрлањето на моќта од една фракција во Сирија на друга“.
Џонсон кажа дека случајот за политичка транзиција на Сирија е толку нашироко пропагиран, што „дури и Русите го прифатија“.
Но тој вели дека тие сè уште му помагаат на Асад да остане на власт, поради загриженоста што би се случило откако тој ќе си замине.
На денешниот состанок на Високиот преговарачки комитет за Сирија ќе биде предложена „постепена транзиција“, рече Џонсон.
„Прво треба да се помине шестмесечна фаза на преговори меѓу режимот и опозицијата, проследен со целосен прекин на огнот и целосен хуманитарен пристап низ целата земја“, пишува Џонсон.
„Потоа треба да има 18-месечен период во кој со Сирија ќе раководи преодно тело. Ова тело ќе биде мешавина од претставници на опозицијата и на сегашната Влада, како и на граѓанското општество“.
Неговите коментари дојдоа само неколку месеци откако во својата колумна во „Дејли телеграф“, во март 2016 година, додека сè уште беше градоначалник на Лондон, го фалеше Асад и Русија за ослободување на античкиот град Палмира од ДАЕШ.