Aysu Biçer
28 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
ЛОНДОН (АА) - Британското Министерство за надворешни работи во петокот упати итен повик до британските граѓани во Либан да ја напуштат земјата што е можно поскоро, наведувајќи ја зголемената загриженост поради влошувањето на безбедносната ситуација во регионот, известува Анадолу.
Во соопштението британското министерството ја нагласи итната потреба британските граѓани да резервираат места на следните достапни летови од Либан.
„Работиме на зголемување на капацитетот и обезбедување места за враќањето на британските државјани“, се вели во соопштението.
Британското министерство ги советува британските државјани да го регистрираат своето присуство во Либан за да бидат информирани за најновите случувања во земјата.
Израелската војска вечерва објави дека извршила воздушен напад врз, како што тврди, штабот на Хезболах во регионот Дахиех јужно од Бејрут.
Израелските медиуми објавија дека цел на нападите бил и генералниот секретар на Хезболах Хасан Насрала.
Најмалку 2 лица загинаа, а 76 се повредени во последните израелски напади врз Бејрут, се вели во соопштението на либанското Министерство за здравство.
Како што јави либанската новинска агенција ННА, цел на воздушните напади бил квартот Хурејк во регионот Дахиех, јужно од Бејрут. Се додава дека израелските воени авиони бомбардирале многу објекти во регионот Дахиех.
Се посочува дека во нападите се уништени 6 згради во регионот, а болниците ги повикале граѓаните да даруваат крв.
Израелската армија, која од 8 октомври минатата година ги продолжува контролираните судири со Хезболах, од 23 септември изврши стотици воздушни напади врз градовите на југот на Либан, како и врз регионите Бека и Баалбек.
Според либанските власти, 775 лица се убиени во воздушните напади, додека речиси 150.000 се раселени поради бомбардирањето.