Haydar Karaalp
28 Септември 2024•Ажурирај: 29 Септември 2024
БАГДАД (АА) - Сите летови од Багдад, главниот град на Ирак, до либанскиот главен град Бејрут се прекинати, известува Анадолу.
Ирак ервејс објави соопштение за прекин на летовите со Бејрут.
„Поради влошувањето на безбедносната ситуација во Либан, сите летови меѓу Багдад и Либан се суспендирани до понатамошно известување“, се вели во соопштението.
Израелската војска вечерва објави дека извршила воздушен напад врз, како што тврди, штабот на Хезболах во регионот Дахиех, јужно од Бејрут.
Израелските медиуми објавија дека цел на нападот бил генералниот секретар на Хезболах Хасан Насрала.
Најмалку 2 лица се убиени, а 76 се повредени во последните израелски напади врз Бејрут, се наведува во соопштението на либанското Министерство за здравство.
Како што јави либанската новинска агенција ННА, квартот Хурејк во регионот Дахие, јужно од Бејрут, бил цел на воздушни напади, додавајќи дека израелските воени авиони бомбардирале многу објекти во тој регион. Во нападите биле уништени шест згради.
Израелската армија, која од 8 октомври минатата година ги продолжува контролираните судири со Хезболах, од 23 септември изврши стотици воздушни напади врз градовите на југот на Либан, како и врз регионите Бека и Баалбек.
Според либанските власти, 775 лица се убиени во воздушните напади, додека речиси 150.000 се раселени поради бомбардирањето.