Behlül Çetinkaya
19 Август 2024•Ажурирај: 21 Август 2024
ЛОНДОН (АА) - Марк Смит, дипломат во британската амбасада во Даблин, поднесе оставка од функцијата во знак на протест затоа што неговата земја му продава оружје на Израел, јавува Анадолу.
Во писмото што Смит го објави на социјалната мрежа Х по оставката, се наведува дека „британското Министерство за надворешни работи е соучесник во воените злосторства“.
Тој наведе дека жали за оставката, но дека не може да работи во институција што соработува во воени злосторства.
Смит истакна дека претходно работел во единицата на Министерството што се занимавала со дозволи за извоз на оружје на Блискиот Исток и Северна Африка.
Тврдејќи дека е експерт за оваа тема, Смит рече:
„Секој ден сме сведоци на воените злосторства и кршењето на меѓународното хуманитарно право извршени од Израел во Газа. Водечките фигури на израелската Влада и армија јасно ги демонстрираат своите геноцидни намери.“
Смит во писмото наведува дека цивилните структури, како што се универзитетите и домовите, се уништени, хуманитарната помош е блокирана и дека нема безбедно место во Газа.
„Се напаѓаат амбулантните возила на Црвен крст, училиштата и болниците редовно се цел. Тоа се воени злосторства“, рече Смит.
Тој истакна дека искажал загриженост за продажбата на оружје на сите нивоа на Министерството.
„Иако британската продажба на оружје на Израел не може да се оправда на кој било начин, продажбата на оружје некако продолжува“, рече Смит.
Тој ги критикуваше и изјавите на британските власти дека имаат најтранспарентен систем на извозни дозволи во светот во врска со продажбата на оружје.
„Вистината е спротивно од тоа. Како државен службеник што изразил загриженост за оваа незаконитост во Министерството, многу е вознемирувачки да се игнорира на овој начин“, изјави тој.
Оставката на Смит доби поддршка и од специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за Палестина, Франческа Албанезе.
„Се надевам дека повеќе дипломати ќе го следат храбриот пат на Марк Смит и ќе се изјаснат против оние што ја овозможуваат израелската бруталност“, напиша Албанезе на профилот X.
Британската телевизија Би-би-си, исто така, преку свои извори ја потврди оставката на Смит. Во вестите беше наведено и дека Министерството за надворешни работи на Велика Британија не се изјаснило за ова прашање.