Aysu Biçer
15 Мај 2023•Ажурирај: 16 Мај 2023
ЛОНДОН (АА) - Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, денес престојуваше во ненадејна посета на Лондон за да се сретне со британскиот премиер Риши Сунак, јавува Анадолија.
„Денес - Лондон. Велика Британија е лидер кога станува збор за проширување на нашите можности на земја и во воздух. Оваа соработка ќе продолжи и денес. Ќе се сретнам со мојот пријател Риши. Ќе водиме суштински преговори меѓусебно и со делегациите“, напиша Зеленски на Твитер.
Тој во текот на викендот посети и неколку европски земји, меѓу кои Италија, Германија и Франција.
Зеленски последен пат ја посети Велика Британија во февруари и се сретна со Сунак, со кого разговараше за тековната војна со Русија.
Зеленски во саботата го посети Рим и се сретна со италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони, а во неделата се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер за време на официјалната посета на Берлин. По Берлин, тој замина во официјална посета на Париз, каде што се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.