Zeynep Hilal Karyağdı
15 Мај 2021•Ажурирај: 16 Мај 2021
ГАЗА (АА) - Најмалку 10 палестински цивили, меѓу кои и деца, загинаа рано утринава кога израелски воени авиони бомбардираа и уништија станбена куќа во западниот дел на градот Газа во напад што официјалните претставници го нарекоа масакр, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извори од Министерството за здравство рекоа дека израелските авиони ја бомбардирале куќата на семејството Ебу Хатаб во бегалскиот камп „Ал-Шати“.
Жртвите се осум деца и две жени: Јасемин Хасан (31), Јамин (5), Билал (10) и Јусуф (11) од семејството Ебу Хатаб, и Муха (36), Абдурахман (8), Сухејб (14) и Јахја (11) од семејството Ал-Хадиди.
Во тек е потрага по исчезнатите лица под урнатините.
Во изјава за медиумите, висок претставник на Министерството рече дека единствен преживеан во нападот е двомесечно бебе, нарекувајќи го нападот масакр.
Во меѓувреме, военото крило на Хамас, бригадите „Изедин ал-Касам“, објавија дека Ашдод и Бершеба се погодени од ракети како одговор на нападот во бегалскиот камп „Ал-Шати“ и како одмазда за Палестинците убиени на окупираниот Западен Брег.
Тројца Палестинци, меѓу кои две деца, беа убиени во нападите во доцните вечерни часови на израелските воени авиони врз областа Тел Кулејбу во северна Газа.
Со ова бомбардирање бројот на жртвите во израелските напади што започнаа во понеделникот достигна 139, меѓу кои 39 се деца и 22 жени, додека 950 лица се повредени.
Израелските воени авиони вчера ги продолжија воздушните напади врз Појасот Газа, кој е под блокада, предизвикувајќи голема штета на станбените објекти низ енклавата.
Единаесет Палестинци беа убиени вчера, кога израелските сили се судрија со демонстрантите за да ги растурат собирите во делови на Западниот Брег.
Либанските власти, исто така, јавија дека млад Либанец загинал во израелски артилериски напад врз демонстрантите долж израелската безбедносна ограда на југот на земјата.
Тензиите пораснаа во населбата Шеик Џарах во Источен Кудс (Ерусалим) и кај џамијата „Ал Акса“ и портата Дамаск за време на муслиманскиот месец на постот Рамазан, бидејќи израелските сили и доселениците почнаа со напади врз Палестинците.
Тензиите се проширија од Источен Кудс во Газа откако палестинските групи на отпорот ветија дека ќе се одмаздат за израелските напади доколку тие не запрат.
Израел го окупираше Источен Кудс (Ерусалим), каде што се наоѓа „Ал Акса“, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектираше целиот град во 1980 година, чекор што никогаш не беше признат од меѓународната заедница.