Rıyaz Khalıq
28 Јануари 2020•Ажурирај: 29 Јануари 2020
ПЕКИНГ
Бројот на починати од вирусот во Кина се искачи на 106 лица, а регистрирани се околу 4.515 потврдени случаи на пневмонија предизвикана од овој вирус во 30 региони на ниво на покраини, заклучно со синоќа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ширењето на коронавирусот во Кина ги принуди властите да го продолжат периодот на затворање на образовните институции.
„Кинеското Министерство за образование денес соопшти дека пролетниот семестар ќе биде одложен до понатамошно известување“, објави новинската агенција „Синхуа“.

Министерството нагласува дека одлуките за продолжување на образовниот процес треба да бидат донесени во зависност од тоа каде се наоѓаат институциите.
Пекинг исто така го одложи отворањето на државните колеџи и универзитети.
Вирусот, кој за првпат се појави во централниот град Вухан, се рашири низ 30 покраини во земјата.
Случаи на коронавирусот се пријавени во Јапонија, Северна Кореја, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Малезија, Австралија, Виетнам и Германија.
Министерството нагласува дека учениците што ги напуштиле своите училишни кампуси поради прославата на Пролетниот фестивал не треба да се враќаат во кампусите без одобрение пред новиот семестар.
По проширувањето на смртоносниот коронавирус, Кина ги продолжи празниците по повод Пролетниот фестивал до 2 февруари.
Во меѓувреме, како мерка на претпазливост, регионалните власти на автономниот регион Хонгконг им порачаа на работодавците да му овозможат на персоналот да работи од дома, веднаш по завршувањето на празнувањето на Пролетниот фестивал.