Ömer Erdem
19 Јануари 2020•Ажурирај: 19 Јануари 2020
КАРТУМ (AA) - Бројот на ранети во бомбашкиот напад изведен на градилиште на турска компанија во Афгоје, северозападно од Могадишу во Сомалија, е зголемен на 17, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според податоците на Амбасадата на Република Турција во Могадишу, ранети се шест државјани на Турција, од кои двајца потешко, и 11 државјани на Сомалија, меѓу кои се и припадници на безбедносните сили. Ранетите лица се префрлени во болницата „Реџеп Таип Ердоган“.
Бомбашкиот напад е изведен на градилиште на турска компанија која работеше на проект за изградба на патот Афгоје - Могадишу.
Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, претходно соопшти дека се ранети 15 лица, од кои шест државјани на Турција и девет на Сомалија.
„Состојбата на двајца наши државјани ранети во нападот во Сомалија е тешка и операциите се во тек“, рече Коџа.
Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, но се претпоставува дека зад него стои организацијата „Ал-Шабаб“, одговорна за слични терористички напади на тоа подрачје.
Во нападот изведен на 28 декември во Могадишу загинаа повеќе од 80 лица, меѓу кои и двајца турски државјани.
Терористичката организација „Ал-Шабаб“ кон почетокот на јануари на вработените во компанијата задолжена за изградба на патот Могадишу - Афгоје им упати отворени закани со напад.