Ihvan Radoykov
27 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
СОФИЈА (АА) - Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој не успеа да добие доверба од Парламентот, поднесе оставка до Претседателството, јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако популистичката партија „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов ја напушти 4. партиска коалиција што ја формираше Петков, опозицијата поднесе барање за недоверба во Собранието.
Владата на Петков падна со гласовите на опозицијата при гласањето за доверба одржано на 22 јуни.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев, согласно уставната процедура ги започна преговорите со политичките сили за формирање нов кабинет веднаш штом ја прими оставката на Петков.
По разговорите, Радев повторно ќе го даде мандатот за формирање влада на партијата „Промените продолжуваат“ (ПП), која има најголема група во Парламентот.
Петков, кој поднесе оставка, најави дека повторно ќе се кандидира за премиер со презентирање на истата владина листа.
Доколку „Промените продолжуваат“ не успее да формира Влада, партијата „Граѓани за европски развој на Бугарија“ (ГЕРБ), предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, ќе добие мандат за да состави Влада.
Во меѓувреме, лидерот на ГЕРБ, Борисов, најави дека неговата партија веднаш ќе го врати мандатот за составување Влада.
Доколку двете најголеми партии не успеат да формираат кабинет, претседателот ќе го додели мандатот на третата по големина политичка партија во Парламентот, пред да одреди датум за предвремени избори.
Ако земјата оди на предвремени избори, претседателот Радев ќе го распушти Парламентот и ќе формира привремена технократска влада.
Во Бугарија во 2021 година се одржаа 3 парламентарни избори.
Владата на Кирил Петков ја презеде функцијата на 13 декември 2021 година, откако беше изгласана во Парламентот.