İnci Gündağ
28 Јуни 2018•Ажурирај: 30 Јуни 2018
ЛОНДОН (АА) - Роден Ченд од Велика Британија, кој преку својот профил на социјалните мрежи објавил расистички и исламофобни пораки, казнет е со 20 месеци затворска казна, јавува Anadolu Agency (AA).
На рочиштето што се одржа во Кривичниот суд во Бирмингем, Ченд ги прифати обвинувањата дека се обидел да шири расна омраза.
Судот информираше дека Ченд е виновен по основ на „ширење расна омраза“, поради пораката што преку својот профил ја објавил на социјалната мрежа Твитер, по бомбашкиот напад што се случи за време на концертот во англискиот град Манчестер.
Ченд е осуден со затворска казна во времетраење од 20 месеци поради своите расистички и исламофобни пораки, меѓу кои се наоѓа и пораката дека „посакува да му го пресече грлото на некој муслиман“.
Ноќта на 22 мај минатата година, за време на музичкиот спектакл на кој поп-ѕвездата Аријана Гранде настапи во Концертната арена „Манчестер“, при крајот на концертот дојде до бомбашки напад. Напаѓачот, кој беше идентификуван како Селман Абеди, на излезот од концертната сала го активираше експлозивот што го носел на себе. Во експлозијата загинаа 22 лица, од кои 7 деца, а 59 беа ранети.
Откако е забележано дека содржините што ги споделувал на социјалните мрежи го привлекуваат вниманието на некои корисници на социјалната мрежа Твитер, Ченд - англиски државјанин од индиско потекло, приведен е на 17 јуни минатата година, само два дена пред исламофобниот напад во Лондон.
Англискиот државјанин Дарен Oзборн (48), минатата година, на 19 јуни, со изнајмен камион се втурна во масата луѓе кои излегуваа од џамијата во лондонската населба во паркот Финсбури. Во нападот загина 1 лице, а 11 беа повредени.