Safvan Allahverdi
18 Декември 2019•Ажурирај: 21 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Припадниците на муслиманското малцинство Ујгури, кои престојуваат во автономниот ујгурски регион Синкјанг во Кина, се изложени на принудна работа, објави американскиот весник „Вашингтон пост“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текстот на „Вашингтон пост“ се наведени нови детали за актуелната состојба во автономниот ујгурски регион Синкјанг.
Во текстот се наведува дека Кина тврди оти сите луѓе кои престојуваат во работните логори се стручно оспособени и дека таму водат среќен живот. Но, оние што ги напуштија логорите наведуваат дека луѓето таму се соочени со сериозни ограничувања и принудна работа.
Експертот за кинески истражувања при Фондацијата „Сеќавање на жртвите од комунизмот“, Адриан Зенз, во својот извештај наведува дека одредени фабрики се составен дел од споменатите работни логори, и дека сите Ујгури таму работат под надзор на полицијата и камери.
„Фабриката за текстил во индустрискиот парк „Синхе“ донесе 500 Ујгури од окружниот логор „Синхе“. Државата испрати полиција и посебни тренери во оваа фабрика и формираше полувоена управа. Зошто на фабриката ѝ е потребна полиција, освен со цел принудување на оние кои сакаат да побегнат од неа? Принудното работење моментално се шири во целото ујгурско општество, а насочено е кон уништување на традицијата, религијата и семејниот живот“, се наведува во текстот.
Исто така се наведува дека Ујгурите во работните логори на месечно ниво работат за 175 долари, а меѓу нив се наоѓаат голем број ујгурски претприемачи, интелектуалци и научници.
Новинарите во Кина претходно ја открија ужасната практика за раздвојување на родителите од децата од муслиманските ујгурски и казахстански семејства и нивното подложување на пропаганда во изолираните центри кои се сметаат за центри за преобразување.
Автономната покраина Синкјанг е најголема кинеска покраина во која доминантно живее муслиманско население, кое се состои од припадници на турската етничка заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Кинеските организации за заштита на човековите права веќе некое време се обидуваат на меѓународната заедница да ѝ укажат на проблемот на ујгурската заедница во Синкјанг, каде што милиони луѓе се затворени во логорите за преобразување и доедукација.
Активистите за време на заседанието на Комитетот на ОН за борба против расната дискриминација во Женева изјавија дека властите во Синкјанг ги притвораат во логорите за политичка доедукација сите луѓе со непожелни ставови и мислења.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch (HRW)) во неодамнешниот извештај наведе дека многу луѓе во Синкјанг во изминатите две години завршиле во притвор во таканаречните центри за политичка едукација, а станува збор за лица кои властите ги оцениле како опасни и за нив наредија таканаречено превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на тие центри за политичка едукација и тоа јасно им го пренесе на кинеските официјални претставници на состанокот за Дијалог за човековите права. Официјален Пекинг го негира постоењето на таквите логори во Синкјанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри кои се користат особено за стручно образование.