Gökhan Kurtaran
26 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Британското Министерство за финансии соопшти дека се укинати сите царини за увоз од Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на британското Министерство се нагласува дека е одлучено да се укине царината за производите увезени од Украина со цел да се поддржи земјата.
Исто така, во соопштението се наведува дека во рамките на санкциите воведени против Русија забранет е извозот на технолошки производи кои најверојатно ќе се користат за „правење притисок врз украинскиот народ“
Британската министерка за меѓународна трговија, Ен Мари Тревелјан, рече: „Британија ќе продолжи да прави сѐ што е во нејзина моќ за да ја поддржи борбата на Украина против бруталната и неоправдана окупација на Путин и да помогне да се обезбеди долгорочна безбедност и благосостојба за украинскиот народ.“
Според податоците на Британската канцеларија за национална статистика (ONS), Велика Британија од Украина во 2021 година реализирала увоз во вредност од 830 милиони фунти, а извоз во вредност на 670 милиони фунти.
Пченицата, пченката, јачменот, оризот и сончогледовото масло се водечки производи кои Велика Британија ги увезува од Украина.