Tayfun Salcı
25 Мај 2017•Ажурирај: 26 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Тајфун Салџи - По терористичкиот напад во Манчестер во понеделникот, војската во Велика Британија започна со патролирање и стражарење на локациите од клучно значење, а во сила стапи и посебен безбедносен план подготвен за слични ситуации.
Во согласност со планот, сменет е начинот на обезбедување на канцеларијата на премиерката, во министерствата, парламентот и на други критични точки.

Вчера, 984 припадници на безбедносните сили, од 3.800 предвидени, започнаа со извршување на новите задачи.
Вооружени војници ја чуваат Бакингамската палата, железничките станици, пристаништата и аеродромите, амбасадите...
Исто така, се планира војниците да ги обезбедуваат и концертните сали и местата на кои се одржуваат спортски настани, меѓу кои и средбата на фудбалските клубови „Арсенал“ и „Челзи“ во финалето на ФА купот, планиран за овој викенд.
Војската во Велика Британија за прашањата од внатрешната безбедност последен пат беше ангажирана во 2003 година и тоа по дојава за планиран напад на аеродромот „Хитроу“. Тогаш на аеродромот беа испратени околу 400 војници, како и оклопни возила.
Во согласност со новите безбедносни мерки, вчера беа откажани посетите на Парламентот и другите активности отворени за јавноста.
Продолжени се и смените на стражата пред Бакингамската палата, кои го привлекуваат вниманието на туристите.
На улиците низ Лондон може да се забележи зголемено присуство на полицијата, а зајакнато е и патролирањето како и бројот на полициски припадници во цивилна облека.
Освен тоа, за сообраќај е затворена улицата „Whitehall“ во која се сместени државните институции, а интензивирани се и контролите на лица и возила.
Во Лондон, во некои населби, привремено се отстранети контејнерите за ѓубре и местата за полнење на мобилните телефони.
Велика Британија третпат во последните 11 години го зголеми нивото на опасност од тероризам на „критично“.
Ова ниво на закана последен пат е воведено во 2007 година кога се појавија информации за можни напади врз ноќен клуб во Лондон, а беше воведено и една година претходно, по дојава дека ќе биде изведен напад на авион за време на трансатлантски лет.
Во терористичкиот напад на 22 мај, на крајот од концертот на поп-ѕвездата Аријана Гранде во „Манчестер арената“ загинаа 22, а беа повредени 59 лица. Полицијата соопшти дека во експлозијата загинал и напаѓачот Салман Абеди.