Lokman İlhan
08 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
БОГОТА (АА) - Венецуелската Влада и претставници на опозицијата оваа недела со посредство на Норвешка ќе се состанат на Барбадос, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во Венецуела, која со месеци се соочува со голема политичка криза и со обиди за воен удар, Владата на претседателот Николас Мадуро и претставниците на претседателот на Националното собрание, Хуан Гваидо, кој се самопрогласи за привремен претседател, повторно ќе се сретнат по разговорите во мај во Норвешка.
Новите преговори, за кои страните не најавија на кој датум ќе започнат, ќе се одржат на островот Барбадос.
Заменикот министер за комуникации, култура и туризам, Хорхе Родригес, во името на Владата преку социјалните медиуми, соопштувајќи за новите преговори со посредство на Норвешка, истакна дека тие ќе се одржат непосредно и континуирано.
Родригес нагласи дека со опозицијата ќе се бара излез од кризата во рамките на Уставот.
Гваидо, кој доби поддршка од многу западни и латиноамерикански земји, особено од САД, преку социјалните медиуми соопшти за преговорите, кои пред неколку дена ги негираше.
„Ќе се состанеме со претставниците на узурпаторскиот режим за да преговараме за излез од диктатурата“, истакна Гуан Гваидо, кој во секоја прилика бараше поддршка од Војската и имаше неуспешен обид за воен удар.
Венецуелската Влада и претставниците на Гваидо се состанаа во Норвешка втората недела од мај. Гваидо најпрвин ги негираше средбите, а потоа призна дека средба имало.
Венецуела беше зафатена со протести од 10 јануари оваа година, кога претседателот Николас Мадуро положи заклетва за својот втор мандат, по изборите кои ги бојкотираше опозицијата.
Тензиите ескалираа кога Хуан Гваидо, претседателот на Народното собрание на Венецуела, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател.
На 30 април, Гваидо и поранешниот партиски лидер Леополдо Лопес, кој беше во домашен притвор, со група војници ги повикаа граѓаните да излезат на улиците за да ја соборат Владата на Мадуро.
По овие повици опозицијата во многу градови излезе на улица, а протестите подоцна во некои региони се претворија во насилни.
Некои пратеници беа уапсени како резултат на истрагите иницирани по настаните, додека другите избегаа во амбасадите на европските и регионалните земји.
Овој потег на Гваидо беше поддржан од Соединетите Американски Држави (САД) и многу европски и латиноамерикански држави. Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико го поддржаа Мадуро.