Ekip
29 Јануари 2023•Ажурирај: 30 Јануари 2023
КАРАЧИ (АА) - Најмалку 39 лица загинаа откако патнички автобус излетал од патот во југозападниот дел на Пакистан ова утро, соопштија официјалните и локалните медиуми во оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Несреќата се случи во подрачјето на градот Ласбела, во југозападната провинција Белуџистан, на околу 116 километри оддалеченост од Карачи.
Хамза Анџум, помошникот на комесарот на градот Ласбела, соопшти дека од патот излетало возило со 48 патници што сообраќало на релацијата Квета - Карачи.
„Возилото“, како што соопшти Анџум, „прво удрило во столбот на мостот, за потоа да падне во провалија и да се запали.“
Анџум изјави дека се спасени најмалку три лица, од кои една жена и дете.
Пронајдени се повеќе од 20 тела.
Во тек е акцијата за извлекување на преостанатите тела и за спасување на повредените.
Сообраќајните несреќи со смртни последици се честа појава во Пакистан, главно поради лошите безбедносни стандарди.