Emre Aytekin
01 Февруари 2018•Ажурирај: 02 Февруари 2018
КОКС БАЗАР (AA) - Во мјанмарскиот регион на Аракан откриени се пет нови масовни гробници, што е еден од показателите со какви злосторства се соочени араканските муслимани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Новинската агенција „Асошиејтед прес“ („Associated Press“) објави дека врз основа на изјавите од сведоците на масакрот во Аракан, сателитските снимки и видеозаписите снимени со мобилен телефон, е утврдено дека во селото Дар Пјин, на северот на Аракан, се пронајдени пет нови масовни гробници.
Споменатото село во потполност е запалено и уништено, а на видеоснимките од сведоците на масакрот се забелажани најмалку 75 тела. Според изјавите на очевидците, во пронајдените масовни гробници се наоѓаат околу 400 тела.
Еден од жителите на ова село кој го избегнал масакрот потврди дека мјанмарската војска влегла во селото и отворила оган врз цивилите. Сведоците наведуваат дека виделе како војската убива и постара жена со нејзината тригодишна внука.
Исто така, во изјавите на сведоците се наведува дека војската ги собрала жителите на влезот од селото, каде што се убиени, а потоа и закопани во три одделни масовни гробници. Сведоците наведоа дека две гробници се наоѓаат во близина на локалното училиште.
Араканските муслимани Рохинџа веќе со години се најзагрозеното етничко малцинство во светот, а од 25 август се соочуваат со нов бран насилства кој во Аракан го спроведува мјанмарската војска и будистичките милитанти.
Според податоците на „Лекари без граници“ од 25 август се убиени 6.700 муслимани. Досега во соседен Бангладеш, во регионот Кокс Базар, пребегале повеќе од 650.000 бегалци. Сметајќи ги и пребегнатите од претходниот период, во тој бангладешки регион моментално живеат околу 900.000 аракански муслимани.
Според податоците на меѓународните организации за заштита на човековите права, кои се базираат на сателитски снимки, во регионот се запалени околу 350 муслимански села.