Şerife Çetin,Ömer Faruk Yıldız
04 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
БРИСЕЛ/КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Случаи заразени со коронавирусот се регистрирани во Белгија и Малезија, јавува Агенција Анадолија (AA).
Министерката за здравство на Белгија, Меги де Блок, потсети дека во неделата од Вухан, кинескиот град каде што се појави коронавирусот, евакуирани се девет белгиски државјани.
„Кај едно од деветте евакуирани лица е забележана заразата“, рече Де Блок, која додаде дека се направени тестови и на другите осум лица, но дека вирусот не бил дијагностициран.
Де Блок истакна дека заразеното лице е пренесено во болницата „Сен Петер“, и дека болницата го поседува потребното искуство и опрема.
Исто така, и малезиските власти соопштија дека 41-годишен маж од Селангор побарал лекарска помош поради покачена температура и болки во грлото.
Наводно, пациентот во текот на посетата на Сингапур од 16 до 23 јануари бил во контакт со кинески претприемачи. Министерот за здравство, Зулкефли Ахмед, соопшти дека карантинот на пациентот продолжува.
Од последиците на заразата од коронавирусот во Кина починаа 425 лица, а излечени и од болница отпуштени се 632 лица.
Во соопштението на Националната здравствена комисија на Кина се наведува дека досега е потврден коронавирусот 2019-nCoV кај вкупно 20.438 пациенти, додека под медицински надзор се 171.000, за кои постои сомнение дека се заразени со вирусот.
Коронавирусот се појави на почетокот од годината и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а заразени случаи на почетокот од оваа година се потврдени и во повеќе земји во светот. Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.