Ömer Tuğrul Çam
07 Октомври 2021•Ажурирај: 12 Октомври 2021
БРИСЕЛ (АА) – Сојузната влада во Белгија ќе го земе за разгледување предлогот за намалување на работните денови од пет на четири неделно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Предлогот кој го изнесоа либерално ориентираните политичари и парламентарци, предвидува неделниот број на часови да не се менува, туку да се намали само бројот на работните денови.
Во предлогот се бара неделното работно време, кое е 38 или 40 часа зависно од секторот, да се распореди во четири дена. Предлогот на либералите го поддржуваат многу политички партии.
Мејрем Алмаџи, претседателката на Зелената партија во фламанскиот регион во Белгија, изрази поддршка за овој предлог.
„Во принцип сметаме дека овој предлог е добар за слободата на вработените, но секако, одлуката треба да ја препуштиме на вработените“, рече Алмаџи.
Зелената партија, исто така, побара пред донесувањето на одлуката да се консултираат мислењата на сите општествени партнери, вклучително синдикати и работодавци.
Социјалистичките синдикати се спротивставија на предлогот. Претставниците на синдикатот тврдат дека не би требало да се скратат само работните денови, туку и работното време на вработените.
Се очекува дека Сојузната влада следната недела ќе разгледа на кои сектори би можел да се примени предлогот.