Erbil Başay
09 Март 2020•Ажурирај: 10 Март 2020
БЕРЛИН (АА) – Во Берлин се одржаа протести против германската канцеларка, Ангела Меркел, и грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, поради политиката на Европската Унија (ЕУ) и на Грција против мигрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Протестот беше организиран од страна на иницијативата „Зебрике“ (Seebrücke), пред Германската куќа за економија, каде што беше организиран Германско-грчкиот економски форум, на кој учествуваа Меркел и Мицотакис.
Двајцата лидери, при нивниот влез во зградата, од страна на демонстрантите беа пречекани со слоганот „Отворете ги границите“ и со свирежи.

Меркел и Мицотакис пред зградата беа пречекани од надлежните, а потоа поминаа во просторијата за состаноци.
На протестот на кој присуствуваа стотици луѓе, беа истакнати транспаренти на англиски и на грчки јазик на кои пишуваше „Европо, не убивај - Отвори ги границите“.
Демонстрантите, покажувајќи фотографии од состојбата на мигрантите во Грција, исто така носеа плакати на кои пишуваше: „Отвори ги границите, спаси живот, бори се против фашизмот“, „Наместо ѕидови гради мостови“, „Европо, преземи акција“ и „Срам да ви е“.
За време на говорите изнесени на демонстрациите беше наведено дека додека Европската Унија (ЕУ) ја продолжува својата нехумана политика, Меркел и Мицотакис имаат мирни разговори за економска соработка.
Исто така во говорите беше критикувано тоа што Грција отвора оган врз мигрантите, а од друга страна ЕУ и Германија ѝ даваат финансиска поддршка на Грција.