Ahmet Gürhan Kartal
05 Јуни 2019•Ажурирај: 06 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Денес во Портсмут, Велика Британија, беше одбележана 75. годишнина од почетокот на големата офанзива за спас на Европа од окупацијата на нацистичка Германија и завршувањето на Втората светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Кралицата Елизабета II и британската премиерка во заминување, Тереза Меј, ги пречекаа лидерите од различни земји.
Меѓу шефовите на владите, кои присуствуваа на комеморацијата, беа и американскиот претседател, Доналд Трамп, кој се наоѓаше во државна посета на земјата, францускиот претседател, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел.
„Хероизмот, храброста и жртвувањето на оние што ги загубија своите животи никогаш нема да бидат заборавени“, рече кралицата во својот говор.
Трамп ја прочита пораката за Американците на американскиот претседател за време на војната, Франклин Рузвелт, која беше пренесувана на радио во ноќта на Денот Д во 1944 година.
Меј прочита писмо од капетанот Норман Скинер напишано до неговата сопруга Гледис, неколку дена пред големото слетување на француските плажи. Писмото, кое никогаш не било испратено, било пронајдено во неговиот џеб кога бил убиен набргу по слетувањето на плажата „Сворд“.
Принцот Чарлс, канадскиот премиер, Џастин Трудо, грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, и холандскиот премиер, Марк Рут, беа меѓу другите високите официјални претставници и лидери кои присуствуваа на церемонијата.
Во знак на одбележување на церемонијата, над Портсмут летаа стари и нови воени авиони.
Околу 160.000 сојузнички трупи, главно од САД, Велика Британија и Канада, пристигнаа во Нормандија на 6 јуни 1944 година - почетокот на завршната фаза на една од најкрвавите војни во историјата на човештвото.
Меј се состана со нејзиниот полски колега, Матеуш Моравјецки, францускиот претседател, Емануел Макрон, австралискиот премиер, Скот Морисон, и канадскиот премиер, Џастин Трудо.
„Главната тема на денешните разговори беше заедничката безбедност“, се вели во соопштението на Даунинг Стрит.
Седумдесет и петтата годишнина од Денот Д или операција „Оверлорд“ ќе продолжи да се одбележува со церемониите што ќе се одржат утре во Франција.