Muhammet Nazım Taşcı
08 Јуни 2021•Ажурирај: 09 Јуни 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Бројот на загинати во железничката несреќа што се случи вчера во пакистанската покраина Синд се зголеми на 62, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите што ги објавија локалните медиуми, бројот на загинати во несреќата се зголемил на 62, откако се пронајдени телата на уште 11 лица од страна на спасувачките екипи.
Покрај големиот број на загинати, во оваа железничка несреќа повредени се над 100 лица. Дел од повредените се во критична здравствена состојба.
Од друга страна, министерот за железници, Мохамед Азам Кан Свати, кој пристигнал на местото на несреќата, изјави дека ќе се изврши сеопфатна истрага и дека одговорните ќе бидат казнети.
На прашањето дали е подготвен да поднесе оставка поради несреќата, министерот Свати одговорил дека е подготвен да го стори тоа „доколку загинатите се вратат назад“.
Несреќата се случи вчераутро, во регионот Готки во пакистанската покраина Синд, кога вагонот од патничкиот воз „Милат експрес“ при движење излетал од шините и удрил во друг патнички воз „Сер Сајед експрес“ што доаѓал од спротивната насока.
- Лошата инфраструктура причина за железничките несреќи во Пакистан -
Пакистан има долга историја на железнички несреќи, главно поради лошата инфраструктура и недостатокот на безбедносни стандарди.
На 31 октомври 2019 година, над 70 лица загинаа во експлозија во воз во движење во близина на Рахимар Кан во североисточната покраина Пенџаб, за која властите подоцна рекоа дека е поради пожарот што избувнал од краток спој.
Најмалку 19 припадници на малата заедница Сики загинаа во судир меѓу автобус и воз во подрачјето на Шеикупура во Пенџаб во јули минатата година.