Çağla Güngör
02 Јуни 2023•Ажурирај: 06 Јуни 2023
АНКАРА (АА) - Мексиканската полиција соопшти дека пронашла 45 вреќи полни со човечки тела во подрачјето на градот Гвадалахара, во западниот дел на земјата, пренесува Анадолу.
Во веста што ја објави Би-би-си, базирана врз соопштението што го даде државното обвинителство на мексиканската држава Халиско, се наведува дека 45 вреќи полни со човечки делови биле пронајдени на раб на карпа во градот Гвадалахара за време на потрагата за пронаоѓање на седум исчезнати млади лица.
Во соопштението на обвинителството се истакнува дека првата торба била пронајдена во вторникот, но истрагата повторно е започната во средата поради тешките услови на терен.
Во соопштението се вели дека во торбите се пронајдени тела на мажи и на жени, а во тек се активности за идентификација на убиените.
И покрај тоа што сѐ уште не е јасно на колку луѓе им припаѓаат пронајдените човечки делови, во веста на Би-би-си се вели дека во претрагата што се спроведува под тешки услови поради непристапниот терен, на полицијата ѝ се придружиле и припадници на противпожарната служба и тимови за цивилна одбрана.
Канцеларијата на државното правобранителство на Халиско минатата недела започна потрага за пронаоѓање на седум млади лица од кол-центар што биле пријавени за исчезнати.