Kasım İleri
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Централната команда на американските сили (CENTCOM) соопшти дека од почетокот на операциите во Сирија и во Ирак, во нападите на коалициските воздухопловни сили кои во борбата против ДЕАШ ги предводи САД "по грешка" се убиени 396 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
ЦЕНТКОМ објави извештај во кој се наведува дека воздухопловните сили на коалицијата од август 2014 година до крајот на март оваа година, во Сирија и во Ирак, врз позициите на терористите на ДЕАШ извршиле вкупно 20.205 воздушни напади.
Во тие напади загинале најмалку 396 цивили, се наведува во извештајот на ЦЕНТКОМ, кој и понатаму анализира 42 случаи на настрадани цивили во нападите на коалициските сили.
Од друга страна, локалните и меѓународните организации кои ги следат воените активности на коалицијата во Сирија и во Ирак, тврдат дека бројот на загинати цивили во нападите на коалициските сили е многу поголем од оној што го покажува американската војска.
Порталот "Airwars" тврди дека од почетокот на нападите во Сирија и во Ирак, во нападите на коалициските бомбардери врз позициите на ДЕАШ "по грешка" се убиени најмалку 3.016 цивили.