Servet Günerigök
28 Април 2021•Ажурирај: 29 Април 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Планираната средба во јуни меѓу американскиот и турскиот претседател е добар знак за решавање на несогласувањата, изјави шефот на Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на онлајн настан на тинк-тенкот „American Enterprise Institute“, генерал Кенет Мекензи ја нарече Турција долгогодишен и ценет партнер во НАТО, велејќи дека Соединетите Американски Држави (САД) развиваат односи според членот 5 со Турција и НАТО.
Во членот се вели дека секој вооружен напад против една членка на НАТО-алијансата е напад кон сите останати.
Неговите изјави беа кажани како одговор на прашањето дали зголемувањето на воената моќност на Турција, особено во областа на беспилотните летала, ќе ја разниша регионалната динамика.
Командантот одговори дека Турција има легитимна загриженост за националната безбедност поврзана со нејзините граници со Сирија и Ирак, а САД го признаваат тоа.
„Значи, она што ние се обидуваме да направиме со Турција е да ги зголемиме областите каде што можеме да најдеме договор“, рече американскиот командант.
„Вие сè уште можете да бидете пријатели, дури и ако не се согласувате. Постојат одредени области за кои не се согласуваме. Оттаму сметам дека добар знак е фактот што двајцата претседатели ќе разговараат на самитот на НАТО, што ќе биде следниот месец или слично, и мислам дека тоа е позитивен чекор напред“, рече Мекензи.
Средбата меѓу Џо Бајден и Реџеп Таип Ердоган ќе се одржи на маргините на самитот на лидерите на НАТО на 14 јуни во Брисел, Белгија, и ќе се искористи „да се разговара за целиот спектар на билатерални и регионални прашања“, соопшти Белата куќа.