Burak Bir
27 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ЊУЈОРК (АА) - Во Соединетите Американски Држави (САД) потврдени се три нови случаи на смртоносниот коронавирус, што прво се појави во Кина, со што вкупниот број на заразени лица во САД се искачи на 5, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) објавија дека вирусот бил дијагностициран кај две лица во сојузната држава Калифорнија и кај едно лице во Аризона.
Сите три лица биле во посета на градот Вухан во централната кинеска покраина Хубеи, каде што за прв пат се појави вирусот.
Првите два случаи во САД беа потврдени минатата недела - еден во Сиетл, Вашингтон и другиот во Чикаго, Илиноис.
Од коронавирусот - наречен така бидејќи под микроскоп потсетува на круна или корона на латински - загинаа најмалку 56 лица во Кина и зарази над 2.000.
Градовите се ставени во карантин, а Кина гради 1000-креветна болница за оние што се заразени со вирусот.
Вирусот, исто така, се прошири и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам и Канада.
Патниците од Кина се прегледуваат на аеродромите низ светот, и многу авиокомпании ги суспендираа летовите до Вухан.
Светската здравствена организација (СЗО) во четвртокот одржа состанок на кој ја одложи одлуката за прогласување појава на здравствена вонредна ситуација, велејќи дека се потребни повеќе информации за вирусот.