Ekip
02 Септември 2020•Ажурирај: 03 Септември 2020
ЊУ ДЕЛХИ
Индиската влада денес забрани уште 118 мобилни апликации, повеќето од нив кинески, поради тековните тензии меѓу двата гиганти во Азија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Апликациите за мобилни телефони беа забранети затоа што „тие се занимаваат со активности што го нарушуваат суверенитетот и интегритетот на Индија, одбраната на Индија, безбедноста на државата и јавниот ред“, се вели во соопштението на Министерството за електроника и информатичка технологија на оваа земја.
Забраната ја вклучува популарната игра за мобилни телефони PubG.
Оваа одлука е донесена во време на зголемените тензии меѓу Њу Делхи и Пекинг, откако двете земји во понеделникот меѓусебно се обвинија за кршење на „консензусот“ постигнат меѓу двете страни по неодамнешните судири на границата во регионот на Хималаите.
Њу Делхи и Пекинг се соочуваат со интензивен судир долж Линијата на вистинска контрола (LAC), де факто граница во регионот Ладах на оспорениот Џаму и Кашмир, каде 20 индиски војници беа убиени во јуни. Оттогаш меѓу двете земји беа спроведени неколку средби, но без успех.
Во одмазднички потег, индиската Влада во јуни блокираше над 50 мобилни апликации, вклучувајќи популарни апликации поврзани со Кина.
Пограничните тензии меѓу двете земји се одвиваат над седум децении.
Кина тврди дека има територија на североисточниот дел на Индија, додека Њу Делги го обвинува Пекинг за окупација на неговата територија во висорамнината Аксај Чин на Хималаите, вклучително и дел од регионот Ладах.