Onur Usta
20 Јули 2016•Ажурирај: 21 Јули 2016
ПАРИЗ (АА) - По терористичкиот напад во Ница во кој животот го загубија 84 лица, францускиот Парламент ја продолжи вонредната состојба во државата за уште 6 месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Седницата што започнала синоќа, завршила во утринските часови и за одлуката за продолжување на вонредната состојба гласале 489 пратници, а 26 против. Четворица пратеници биле воздржани.
Продолжувањето на вонредната состојба денеска би требало да го одобри Сенатот. Тоа би било четврто продолжување на вонредната состојба од ноември 2015 година и ќе трае до јануари 2017 година.
Премиерот на Франција, Мануел Валс во текот на седницата, пред гласањето зборувал за можноста од нови терористички напади во земјата.
„Многу е тешко да се каже вакво нешто, но би можело да има нови напади и невини жртви. Ние не мораме да се навикнеме на вакво нешто, но треба да научиме да живееме и да се бориме против овие опасности“, рече Валс.
Според неговите зборови, од 2012 година досега, спречени се 16 терористички напади. Пронајден е и уапсен Ред Крикет, кој планирал терористички напад за време на Европското фудбалско првенство. Покрај него, бил пронајден и експлозив во куќата.
Во терористичкиот напад во Ница, град кој се наоѓа на југот од Франција, загинаа најмалку 84 лица, меѓу кои имаше и деца, а полесно и потешко беа повредени 308. Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернар Казнев изјави дека 59 лица сѐ уште се наоѓаат во болница, од кои 29-мина се на одделението за интензивна нега.