Betül Yürük
27 Август 2019•Ажурирај: 29 Август 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупредувајќи на климатските промени во светот, информираше дека на Гренланд, втората по големина ледена површина на Земјата, во јули се стопени 179 милијарди тони мраз, јавува Anadolu Agency (AA).
Гутереш, кој учествуваше на состанокот на Г7 во францускиот град Бијариц, одржа прес-конференција на која посочи на опасноста предизвикана од климатските промени.
Гутереш на конференцијата истакна дека според Светската метеоролошка организација, количеството на јаглероден диоксид во атмосферата се наоѓа на највисоко ниво во човечката историја, додавајќи: „На Гренланд, втората по големина ледена површина на Земјата, во јули се стопени 179 милијарди тони мраз.“
- Повик до лидерите да преземат акција
Гутереш изјави дека пожарите што ги зафатија Сибир, Алјаска, Канада и Арктичкиот Круг, во јуни во атмосферата ослободиле 50 мегатони, а во јули 79 мегатони јаглероден диоксид, додавајќи дека во моментов со недели горат амазонските шуми.
На прес-конференцијата, Гутереш истакна дека до крајот на ова столетие е потребно зголемувањето на глобалната температура да се задржи под 2 степени и до 2050 година да се елиминира емисијата на стакленички гасови, упатувајќи повик до светските лидери да преземат акција по прашањето за климатските промени.