Gülşen Topçu
27 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
АДЕН (АА) - Владата на Јемен изрази задоволство од апелот на Саудиска Арабија за ставање крај на вооружениот бунт, кој започна во јужниот дел на Јемен од страна на сепаратистичкиот Јужен транзиционен совет поддржан од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Anadolu Agency (AA).
Заменик-министерот за надворешни работи на Јемен, Мухамед ел Хадрами, објави писмено соопштение на Твитер, во коешто нагласи дека го поздравуваат апелот на Саудиска Арабија за одржување преговори за дијалог во Џеда.
Хадрами ја пофали поддршката на Саудиска Арабија за јеменскиот народ и јеменската легитимна Влада, и го повтори својот апел да не се поддржуваат воените структури кои се надвор од државната структура.
Хадрами упати апел добро да се искористи историската можност во насока на интеграцијата на воените стурктури во државните институции.
Адил ел Џубеир, државен министер на Саудиска Арабија задолжен за надворешни работи, вчера на Твитер напиша дека единствениот пат за решавање на внатрешните несогласувања во Јемен е одржување преговори за дијалог во Џеда.
Минатиот четврток, делегација од Јужниот транзиционен совет ја напушти Џеда без да учествува на ниту едни преговори за дијалог со легитимната Влада.
Владин претставник истакна дека оваа делегација не се состанала со Владата затоа што Јужниот транзиционен совет не прифатил да се повлече од местата во Аден што ги зел под своја контрола, и според него, затоа го напуштил градот Џеда.