Ekip,Ayhan Şimşek
05 Септември 2024•Ажурирај: 05 Септември 2024
БЕРЛИН (АА) - Германската полиција денес застрела осомничен на улицата во близина на Генералниот конзулат на Израел во Минхен, изјави министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, јавува Анадолу.
„Лицето носело долгоцевно оружје и истрелало повеќе куршуми“, изјави Херман за новинарите, додавајќи дека полициските сили брзо реагирале на заканата.
Министерот изјави дека инцидентот се случил во близина на музејот за злосторствата на нацистичкиот режим, кој е близу до американскиот културен центар Америкахаус и до Генералниот конзулат на Израел во центарот на градот.
Тој рече дека мотивот на осомничениот не е познат и дека е во тек темелна истрага за собирање на повеќе информации.
„Но, очигледно е дека ако некој го паркира својот автомобил директно пред израелскиот Генерален конзулат, а потоа се шета околу зградата со пиштол и почне да пука, тоа секако, или со голема веројатност, не може да е случајност“, рече Херман.
Портпаролот на полицијата на Минхен, Андреас Франкен, за новинарите изјави дека осомничениот е 18-годишен австриски државјанин, но одби да даде повеќе детали поради тековната истрага.
„Истрагата сè уште е во тек, а во подоцнежна фаза ќе дадеме дополнителни информации во координација со јавното обвинителство“, посочи тој.
Јавните радиодифузери ВДР, НДР и Зидојче цајтунг објавија претходно дека осомничениот им бил познат на властите како верски екстремист.
На улиците околу Генералниот конзулат на Израел по пукањето е поставен полициски кордон, а во подрачјето распоредени се и специјални полициски единици како мерка на претпазливост.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека нема повредени дипломати или персонал во пукањето.
Министерството додаде дека Генералниот конзулат веќе бил затворен поради одбележувањето на смртта на израелските спортисти во нападот на палестинска група за време на Олимпијадата во Минхен во 1972 година.